ПРВ.мк
Свет

Се шири ли војната на Блискиот Исток? САД и Израел на чекор од нов фронт – Ирак повторно може да стане главно бојно поле!

Се шири ли војната на Блискиот Исток? САД и Израел на чекор од нов фронт – Ирак повторно може да стане главно бојно поле!

Воениот конфликт меѓу Иран, Израел и Соединетите Американски Држави влезе во својот 17-ти ден, а ситуацијата на Блискиот Исток станува сè понапната. Според информации од Иран, силите на Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда (IRGC) во најновиот бран од операцијата лансирале вкупно 54 ракети кон цели во Израел.

Меѓу употребените ракети се наведуваат типовите Хорамшахр, Хајбар Шекан, Кадр и Емад, а за првпат биле употребени и четири единици од стратешката ракета „Сајдџил“. Според воени аналитичари, оваа ракета има дострел меѓу 2.000 и 2.500 километри, што значи дека голем дел од Блискиот Исток се наоѓа во нејзиниот домет.

Ирански извори тврдат дека дел од ракетите погодиле командни и контролни центри на израелските воздухопловни сили, како и други воени и стратешки објекти во Израел. Во текот на нападите, фрагменти од ракети паднале и во близина на американскиот конзулат, но засега нема информации за жртви.

Во меѓувреме, американските разузнавачки служби го информирале претседателот на САД, Доналд Трамп, дека поранешниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, имал сериозни сомнежи дали неговиот син Моџтаба Хамнеи треба да го наследи на таа функција.

Паралелно со нападите, тензиите се зголемуваат и во други делови од регионот. Европската унија најави дека ќе разговара за можностите да придонесе за повторно отворање на Ормускиот теснец, кој има огромно значење за светската трговија со нафта. Шефицата на европската дипломатија Каја Калас изјави дека земјите членки ќе разгледаат конкретни чекори за стабилизирање на ситуацијата.

Во Обединетите Арапски Емирати, пак, една ракета паднала во Абу Даби, при што едно лице го загубило животот. Министерството за одбрана на таа земја соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнува ракети и дронови кои доаѓаат од Иран.

Поради безбедносната ситуација, дел од летовите на меѓународниот аеродром во Дубаи биле пренасочени. Претходно, властите привремено ги запреле летовите како мерка на претпазливост откако напад со дрон предизвикал пожар во близина на аеродромската инфраструктура.

Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека започнала „насочена копнена операција“ на југот на Либан, со цел да ја прошири тампон-зоната и да ја потисне либанската милитантна група Хезболах.

Експертите предупредуваат дека Ирак би можел да стане едно од главните бојни полиња доколку конфликтот дополнително се прошири. Земјата со околу 47 милиони жители има кревка политичка структура и силна економска зависност од нафтата, што ја прави особено ранлива.

Ирак со години беше место каде што се судираат интересите на Техеран и Вашингтон. Само неколку часа по почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари, судири повторно избувнаа и на ирачка територија.

Според извештаи на „Фајненшл тајмс“, во Ирак веќе се води таканаречена „војна во сенка“. Иран и шиитските групи што ги поддржува Техеран изведуваат напади врз американски воени бази, додека САД возвраќаат со бомбардирање на проирански вооружени формации во земјата.

Францускиот претседател Емануел Макрон во разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека е „неприфатливо“ Франција да биде мета на напади на Блискиот Исток. Тој истовремено побара итно ослободување на двајца француски државјани кои се наоѓаат во притвор во Иран и нагласи дека слободата на пловидба во Ормускиот теснец мора што побрзо да се обнови.

Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, предупреди дека НАТО се соочува со „многу лоша иднина“ доколку сојузниците не помогнат во обезбедувањето на слободната пловидба во Ормускиот теснец. Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој истакна дека Европа и Кина во голема мера зависат од нафтата од Персискиот Залив и дека земјите кои имаат корист од оваа поморска рута треба да помогнат во нејзината заштита.

Трамп додаде дека очекува и Кина да се вклучи во решавањето на кризата, нагласувајќи дека таа добива околу 90 проценти од својата нафта преку овој теснец.

Во исто време, американскиот демократски сенатор Кори Букер предупреди дека неактивноста на Конгресот може да му даде дополнителна слобода на претседателот Трамп да започне нови воени операции во други делови од светот. Тој изјави дека, доколку ова продолжи, може да се создаде впечаток дека по конфликтите со Венецуела и Иран, следни цели би можеле да станат Куба, па дури и Северна Кореја.

Развојот на настаните покажува дека конфликтот на Блискиот Исток постепено се проширува и вклучува сè повеќе актери, што го зголемува стравот дека регионот би можел да влезе во уште подлабока и поопасна фаза на нестабилност.

Најнови вести