Папата Франциск ја одржал последната приватна аудиенција со британскиот кралски пар пред смртта – Камила без црн вел благодарение на кралскиот протокол
Папата Франциск почина во неделата наутро во Ватикан, а една од последните приватни аудиенции ја одржал на 9 април, само неколку недели пред смртта. Во резиденцијата Санта Марта, тој се сретна со британскиот крал Чарлс III и кралицата Камила по повод 20-годишнината од нивниот брак.
Кралицата Камила, иако облечена во соодветна црна тоалета, не носеше вел преку главата – нешто што инаку е задолжително според ватиканскиот протокол. Според традицијата, жените што се среќаваат со папата треба да носат свечена црна облека со долги ракави и црн вел, како знак на почит и понизност. Сепак, постојат исклучоци за одредени жени во светот.
Што претставува „привилегијата на белото“?
Само неколку жени на планетата имаат дозвола да носат бело при средба со папата – чест позната како „привилегија на белото“ (il privilegio del bianco). Оваа исклучителна дозвола е резервирана исклучиво за жени од католички кралски семејства, и тоа само во одредени формални прилики – приватни аудиенции, канонизации и специјални литургии.
Кои жени ја имаат оваа повластена улога?
Меѓу оние што го уживаат ова право се: принцезата Шарлин од Монако, кралицата Матилда од Белгија, шпанската кралица Летиција, големата војвотка Марија Тереза од Луксембург и принцезата Марина од историската неаполска династија.
Исто така, оваа повластеност ја имаат и поранешните кралици Софија од Шпанија и Паола од Белгија, иако нивните сопрузи веќе не се на престолот.
Важно е да се напомене дека оваа привилегија не значи задолжително носење бела облека – некои од овие дами, и покрај правото, сè уште избираат традиционална црна гардероба. Така, принцезата Шарлин понекогаш се појавувала во црно, додека кралицата Матилда во септември 2024 година носела бело при аудиенција кај папата.
Симболика и значење
Се работи за високо симболичен чин во рамките на Католичката црква, кој рефлектира и верска припадност и општествен статус. Белата боја, во овој контекст, не е само мода, туку носи длабока религиозна и протоколарна тежина.
Правото да се носи бело важи само при строго формални и приватни аудиенции, и тоа со претходна согласност од папата. Се смета за ретка чест и дел од културното и духовно наследство на Ватикан.