Реза Пахлави, син на поранешниот ирански шах и еден од најгласните противници на сегашната власт во Техеран, излезе со радикални пораки за иднината на Иран доколку дојде до пад на режимот. Во видео обраќање, тој најави целосен пресврт во надворешната политика на земјата, вклучувајќи прекин на нуклеарната програма, нормализација на односите со САД и официјално признавање на Израел.
Пахлави истакна дека „слободен Иран“ би соработувал со регионалните и глобалните партнери во борбата против тероризмот и веднаш би ја запрел поддршката за вооружени групи надвор од своите граници. Според него, односите со Америка би биле обновени, а долгогодишната конфронтација би била заменета со партнерство.
Овие најави претставуваат драстично отстапување од политиката на Исламската Република, која од 1979 година ги смета САД и Израел за главни непријатели и поради нуклеарната програма се соочува со тешки меѓународни санкции.
Пахлави отворено го поддржа најновиот бран протести во Иран, кои започнаа поради економската криза, но брзо прераснаа во масовни антивладини демонстрации. Тој ги повика граѓаните да продолжат со отпорот, а од меѓународната заедница побара подготвеност да им помогне на Иранците.
Иако протестите ослабеа по жестоките реакции на властите, пораките на Пахлави повторно ја раздвижија дебатата за иднината на Иран и можната промена на режимот.

















