Американските сили извршија уште една спектакуларна операција во Карипското Море, при што запленија танкер за нафта за кој тврдат дека е поврзан со Венецуела и дека ги прекршувал санкциите воведени од администрацијата на Доналд Трамп. Станува збор за бродот „Вероника“, кој, според американските власти, нелегално оперирал во регионот и се движел низ венецуелските води и покрај строгите ограничувања.
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, објави дека танкерот дејствувал спротивно на карантинот за санкционирани бродови во Карипскиот басен. Таа на социјалните мрежи сподели и видео од акцијата, на кое се гледаат воени хеликоптери над бродот и вооружени припадници кои се спуштаат на палубата со јажиња, сцена што потсетува на филмска интервенција.
Запленувањето на „Вероника“ е шести ваков случај во рамки на пошироката стратегија на Вашингтон за целосно сузбивање на венецуелската нафтена индустрија и нејзината глобална дистрибутивна мрежа. Ова е и трет ваков потег откако, според американски извори, САД во тајна ноќна операција пред речиси две недели го отстранија венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Операцијата дополнително ги засилува тензиите во регионот и испраќа јасна порака дека Вашингтон нема намера да попушти во притисокот врз Каракас, без разлика на реакциите од меѓународната заедница.

















