Додека конфликтот меѓу Соединети Американски Држави и Иран влегува во нова фаза, загриженоста не доаѓа само од политичките и воените кругови, туку и од врвот на глобалниот финансиски сектор.
Извршниот директор на JPMorgan Chase, Џејми Димон, предупреди дека по најновите американско-израелски операции може да следува бран на кибернетички и терористички напади. Во интервју за CNBC, тој изјави дека ваквите закани не би биле ограничени само на регионот, туку би можеле да се прошират глобално, при што финансиските институции се потенцијални цели.
Во меѓувреме, од Вашингтон најавија дополнително зајакнување на военото присуство на Блискиот Исток. Претседателот Доналд Трамп посочи дека операцијата може да трае неколку недели, но не ја исклучи можноста за подолг ангажман.
Ескалацијата веќе има економски последици. Цената на нафтата бележи раст поради страв од прекин во снабдувањето, додека златото поскапува како сигурно засолниште за инвеститорите. Истовремено, берзанските индекси во САД, Европа и Азија реагираат со пад.
Иако Димон смета дека долгорочно може да се создадат услови за постабилен мир, тој предупредува дека светот мора да биде подготвен за сериозни безбедносни одговори во периодот што следи.


















