ПРВ.мк
Свет

Лажна вест за смртта на Џонатан ја измами јавноста: најстарата желка во светот е жива

Лажна вест за смртта на Џонатан ја измами јавноста: најстарата желка во светот е жива

Џонатан, џиновската желка од Света Елена која важи за најстарото познато копнено животно во светот, беше лажно прогласена за мртва по објава на социјалните мрежи поврзана со крипто-измама. Лажниот профил, кој се претставувал како ветеринарот Џо Холинс, објавил емотивна порака за наводната смрт на желката и истовремено побарал донации во криптовалути.

Објавата брзо се проширила и довела до тоа дел од светските медиуми да ја пренесат неточната вест. Сепак, набргу стигна демант од вистинскиот ветеринар Џо Холинс, кој појасни дека воопшто нема профил на „X“ и предупреди дека станува збор за измама.

Од властите на Света Елена потврдија дека Џонатан е жив и дека нема причина за загриженост. Според официјалните информации, желката била фотографирана како се движи низ дворот на резиденцијата на гувернерот, а гувернерот Најџел Филипс лично проверил и потврдил дека сè е во ред.

Џонатан е сејшелска џиновска желка и според Гинис е најстарото живо копнено животно и најстарата желка досега. Се верува дека имал околу 50 години кога бил донесен на Света Елена во 1882 година, што значи дека денес има околу 193 години, а не 194 како што се појави во дел од објавите.

Целиот случај уште еднаш покажа колку брзо може да се прошири лажна вест кога е спакувана во емотивна приказна, особено кога зад неа стои и финансиска измама.