ПРВ.мк

Кои земји во Европа можат сами да се одбранат во случај на воена закана?

Кои земји во Европа можат сами да се одбранат во случај на воена закана?
Jumbo Banner

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека за Европа не е корисно да биде „безбедносен вазал“ на Соединетите Американски Држави, повикувајќи на посамостојно зајакнување на нејзината одбрана. Во интервју за медиумот UnHerd, тој нагласи дека не сака Европа слепо да ги следи насоките од Вашингтон.

„Не сакам Европејците да прават сè што им кажуваат Американците. Не мислам дека тоа е во нивен интерес, а уште помалку во нашиот“, изјави Венс, додавајќи дека континентот мора да покаже поголема самостојност во градењето на сопствени безбедносни капацитети.

Според него, најголем дел од европските држави немаат доволно силна војска за да обезбедат сопствена одбрана, со исклучоци како Велика Британија, Франција и Полска. Тој поттикна европските земји да вложат повеќе во модернизација на своите армии.

Критики за миграциите и лидерството во Европа

Американскиот потпретседател повторно ја критикуваше политиката на европските лидери во врска со миграцијата и интеграцијата, оценувајќи дека тие не ги слушаат своите граѓани.

„Европските народи сè уште повикуваат на пореална економска и миграциска политика, а лидерите продолжуваат да им го нудат токму спротивното од она за што изгледа дека се гласало“, рече Венс.

И покрај критиките, тој истакна дека ја „сака Европа“, иако веќе ги искажал своите несогласувања со европските лидери и на Минхенската безбедносна конференција и при посетата на Гренланд.

Реплика за изјавите на Зеленски

Венс се осврна и на неодамнешната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој обвини дека администрацијата на Доналд Трамп, наводно, „симпатизира со Русија“. Според Венс, овие тврдења се „апсурдни“ и „непродуктивни“.

„Тоа сигурно не води кон решение. Мислам дека ваквите коментари не придонесуваат за разбирање, туку само за дополнително недоразбирање“, истакна тој.

Изјавите на Венс доаѓаат во време на сè поголеми трансатлантски несогласувања околу финансирањето на одбраната, односите со Русија, како и прашањата поврзани со миграцијата и безбедноста.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран