Северна Кореја ја организирала првата работилница за инструктори на национално ниво, чија задача е да поттикнуваат лојалност кон лидерот Ким Џонг Ун меѓу децата и младите, јавија денеска државните медиуми во таа земја.
Во главниот град Пјонгјанг, од среда до сабота, се одржала обука за инструктори од целата земја, на која биле повикани да ја исполнат својата одговорност во воспитувањето на младите револуционери и патриоти, пренесува севернокорејската новинска агенција KCNA.
Обуката се одржала во рамките на активностите на националниот синдикат за деца и млади, кој вклучува ученици на возраст од седум до 16 години.
Овој синдикат, основан во 1946 година, се проценува дека има околу три милиони членови, според јужнокорејската агенција Јонхап.
Обуката и работилницата се организирани по инструкции на Ким, а неговото обраќање било прочитано на собирот, иако не се дадени други детали.
За време на обуката била разгледувана улогата на инструкторите како политички заштитници на младината, која е безгранично лојална и верна на севернокорејскиот лидер Ким, наведува KCNA.
„Децата треба да се научат да ја ценат вредноста на организацијата од најмала возраст и да се навикнат на доброволно учество во нејзините активности“, изјавил еден од говорниците на собирот.
Во текот на оваа обука биле разгледани и образовни методи, како и недостатоците на проектите чија цел е зајакнување на детскиот синдикат и неговата улога, известила севернокорејската новинска агенција.
Портпаролот на јужнокорејското министерство за обединување, Ку Бјунг Сам, оцени дека овој собир може да се толкува како обид за заострување на идеолошката контрола над сите слоеви на населението и зајакнување на нивната лојалност.