Иран соопшти дека преговорите со Соединетите Американски Држави за својата нуклеарна програма станале „безначајни“, откако Израел започна со воздушни напади врз иранска територија, при што беа цел на удар и нуклеарни објекти.
Шестата рунда од разговорите е планирана за утре во Мускат, главниот град на Оман, но иранските власти сѐ уште не донеле конечна одлука дали ќе испратат делегација.
– САД се однесуваат на начин што ги прави преговорите бесмислени. Не можете да тврдите дека сте за дијалог, а во исто време му дозволувате на ционистичкиот режим да ја напаѓа иранската територија – изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаеил Багеи.
Тој нагласи дека нападот на Израел директно влијаел врз дипломатскиот процес и изрази став дека тој не би се случил без одобрување од Вашингтон. Иран претходно ја обвини САД дека е соучесник во израелските напади, но американските власти ги отфрлија таквите обвинувања.
Официјален Техеран тврди дека збогатувањето на ураниум се спроведува исклучиво за цивилни цели, а не за развој на атомско оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран добил „премногу шанси“ да постигне договор и дека целта била да се избегне конфронтација и понижување.
– Му дадовме на Иран 60 дена да прифати договор – и тоа време истече. Знаевме дека ќе дојде до ова. Не сум сигурен дали Иран и понатаму има нуклеарна програма по израелските напади. Тоа беа многу уништувачки удари – изјави Трамп, додавајќи дека, и покрај сѐ, нуклеарните преговори со Иран „сѐ уште не се мртви“.
На новинарско прашање дали САД ќе го поддржат Израел во случај на ирански противнапад, Трамп одговори:
– Ние стоиме зад Израел. Тој е нашиот сојузник број еден. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата.