Европската комисија воведува нов пакет построги правила за патување со домашни миленици во земјите од Европската Унија, кои ќе важат за сите сопственици на кучиња, мачки и ласици кои патуваат за некомерцијални цели. Новите регулативи ќе почнат да се применуваат од 22 април 2026 година и значително ги заоструваат условите за влез.
Според новите правила, секое милениче мора задолжително да биде идентификувано со микрочип кој ги исполнува стандардите на ЕУ. Исклучок се прави само за постари чипови вградени пред 3 јули 2011 година, но само доколку се целосно читливи и функционални.
Дополнително, сите кучиња и мачки мора да бидат вакцинирани против беснило, а доказот за вакцинацијата задолжително се внесува во европскиот пасош за миленичиња. Без оваа документација, влез во земјите членки може да биде одбиен.
Сопствениците ќе мора да поседуваат и официјален пасош за миленичиња, издаден од овластен ветеринар, кој ќе ги содржи сите релевантни податоци за животното. Едно лице ќе може да патува со најмногу пет миленици во исто возило, што е мерка насочена кон спречување комерцијален транспорт под изговор на приватно патување.
За одредени држави-членки важат и дополнителни услови. Така, при патување во Ирска, Малта и Финска, задолжителен е и антипаразитски третман против паразитот Echinococcus multilocularis, кој претставува здравствен ризик во одредени региони.
Покрај основните правила кои стартуваат во 2026 година, најавени се и дополнителни фази на имплементација. Од 1 октомври 2026 година ќе почнат да важат нови здравствени сертификати, додека од 1 јануари 2028 година се воведуваат и нови барања поврзани со идентификацијата и издавањето на пасошите за миленици.
Со овие промени, ЕУ има за цел да ја зголеми безбедноста, да го спречи нелегалниот транспорт на животни и да обезбеди подобра контрола врз здравствениот статус на милениците кои се движат меѓу земјите членки.










