Министрите за надворешни работи и одбрана на Европската унија денеска дадоа зелено светло за формирање на нов европски одбранбен фонд во износ од 150 милијарди евра, како одговор на зголемените безбедносни стравувања предизвикани од потенцијална руска агресија, како и поради сè поголемите сомнежи во сигурноста на американските безбедносни гаранции кон Европа.
Ова одобрение претставува последниот правен чекор за воспоставување на новиот механизам под името „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE), кој ќе биде финансиран преку заедничко задолжување на Унијата. Преку оваа шема, на земјите членки ќе им се овозможат поволни кредити за реализација на заеднички одбранбени проекти, пренесува Ројтерс.
Европската комисија го предложи фондот во март годинава, откако во европските политички кругови почнаа да се засилуваат сомнежите дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп нема да реагира соодветно во случај на напад врз некоја од земјите членки на ЕУ.
Во услови на продолжена руска инвазија врз Украина и растечки страв кај некои членки дека би можеле да бидат следни на удар, земјите од Унијата во последните три години веќе ги зголемија своите буџети за одбрана за повеќе од 30%. Сепак, лидерите на ЕУ предупредуваат дека тоа сè уште не е доволно.
Иницијативата SAFE има за цел да ги надмине националните бариери во финансирањето на воени капацитети, поттикнувајќи заедничко европско производство и набавка на оружје, со крајна цел – зајакнување на европската одбранбена индустрија и намалување на зависноста од надворешни сојузници.