Бенјамин Нетанјаху со кратка, но значајна изјава внесе нова неизвесност околу најавеното примирје, ставајќи до знаење дека Либан не е опфатен со договорот меѓу САД, Израел и Иран.
Ова е прва официјална реакција од кабинетот на израелскиот премиер по прогласувањето на двонеделниот прекин на огнот, кој претходната вечер го објави Доналд Трамп, само еден час пред истекот на ултиматумот поставен кон Иран.
Во соопштението се наведува дека Израел ја поддржува одлуката на Трамп за привремено запирање на нападите врз Иран, но под строги услови. Меѓу нив е барањето Иран веднаш да го отвори клучниот морски премин и да ги запре сите напади врз САД, Израел и другите земји во регионот.
Сепак, најголемо внимание привлече делот во кој јасно се потенцира дека двонеделното примирје не го опфаќа Либан, што отвора нови прашања за безбедносната состојба во регионот и можноста за понатамошни тензии.
Овој став директно се коси со претходната изјава на Шахбаз Шариф, премиерот на Пакистан, кој учествувал во посредувањето меѓу САД и Иран и тврдеше дека договорот го вклучува и Либан. Дополнителна нејаснотија создава фактот што Трамп во своето обраќање воопшто не го спомена Либан.
Различните толкувања на договорот фрлаат сенка врз стабилноста на примирјето и отвораат дилеми дали договорот ќе успее да спречи понатамошна ескалација на конфликтот во регионот.










