Иран подготвен за одбрана: Секој обид за мешање ќе биде третиран со цврст одговор
Иран е подготвен да се брани од какви било надворешни мешања или закани, изјави синоќа министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи. Според него, целокупниот ирански воен капацитет е во состојба на подготвеност за заштита на земјата.
– Не сакаме да бидеме закана за регионот, но секоја закана или мешање ќе добие одлучен одговор – истакна Аракчи за време на приемот во иранската амбасада во Москва, по повод Денот на иранската војска. Веста ја пренесе агенцијата РИА Новости.
Оваа изјава доаѓа во чувствителен момент – токму во пресрет на втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД околу нуклеарната програма, како и по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави „невидено бомбардирање“ доколку не се постигне договор.
Аракчи вчера пристигна во Москва, каде што веќе се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, кому му ја пренесе пораката од иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Според него, разговорите со Путин опфатиле теми поврзани со преговорите со САД, како и други регионални прашања. Денеска, Аракчи ќе се сретне и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Првата рунда индиректни разговори помеѓу специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер Аракчи се одржаа на 12 април во Маскат, главниот град на Оман.
И двете страни изјавија дека разговорите биле позитивни и конструктивни. Аракчи посочи дека атмосферата била мирна и фокусирана, и најави дека следната рунда преговори ќе се одржи на 19 април (сабота).