По изборниот пораз на Виктор Орбан во Унгарија, реакција стигна и од Милорад Додик, кој јавно изрази жалење поради заминувањето на долгогодишниот унгарски премиер од власта. Орбан беше поразен на парламентарните избори од опозициската Тиса партија предводена од Петер Маѓар, со што заврши неговото 16-годишно владеење.
Додик порача дека Орбан за него не бил само политички партнер, туку и близок пријател, нагласувајќи дека сака што поскоро да се сретне со него за да разговараат за идните чекори и можната понатамошна соработка. Според него, Орбан бил „глас на разумот“ и човек кој имал разбирање за позициите на Република Српска во моменти кога таа се чувствувала политички осамена.
Во својата оценка, Додик посочил и дека признавањето на изборниот резултат од страна на Орбан е доказ дека обвинувањата за авторитарност не соодветствуваат со начинот на кој била спроведена транзицијата на власта. Воедно, тој предупредил дека евентуален застој на заедничките проекти меѓу Република Српска и Унгарија ќе зависи од политиките на новото унгарско раководство.
Поразот на Орбан во регионот се толкува и како загуба на важен меѓународен сојузник за Додик, бидејќи унгарскиот лидер во изминатите години важеше за еден од неговите најгласни поддржувачи на европската сцена.










