Германија стартуваше жестока офанзива против т.н. „руска флота во сенка“ која нелегално тргува со нафта низ Балтичкото Море, избегнувајќи ги меѓународните санкции. Од денеска, танкерите се ставени под строги контроли, особено нивните осигурувања за случај на истекување и еколошки катастрофи, соопштија германските министерства за сообраќај и надворешни работи.
Министерот за надворешни работи, Јохан Вадепфул, потенцираше дека целта е јасна: „Вршиме притисок врз руската флота во сенка и го штитиме Балтичкото Море.“
Шведска исто така ги засили проверките на овие сомнителни бродови, кои избегнуваат западни пристаништа и често пловат без соодветно осигурување. Многу од танкерите се стари и користат ризични методи на транспорт, а се поврзуваат и со неодамнешни инциденти со оштетување на подводни кабли.
Германскиот министер за сообраќај, Патрик Шнајдер, изјави: „Штом ќе ја добиеме целосната слика за состојбата на овие бродови, ќе можеме веднаш да преземеме мерки и санкции.“
Балтичкото Море сега се претвори во новото стратешко бојно поле во енергетската војна со Русија.