На снимката што се дели на социјалните мрежи се гледа возило „аурус сенат“, вредно околу 320.000 евра, како гори на сред улица, недалеку од седиштето на руската тајна служба ФСБ на плоштадот Лубјанка.
Луксузна лимузина „аурус“ за која се верува дека е дел од службениот возен парк на рускиот претседател Владимир Путин експлодираше во центарот на Москва. На снимката што се дели на социјалните мрежи се гледа возило „аурус сенат“, вредно околу 320.000 евра, како гори на сред улица, недалеку од седиштето на руската тајна служба ФСБ на плоштадот Лубјанка.
Се верува дека автомобилот припаѓа на возниот парк на Претседателската канцеларија за управување со имот, која е задолжена за имотот на Кремљ. На снимката се гледа како пожарот од моторот се проширил во внатрешноста на возилото. Не е познато кој бил во автомобилот во моментот на експлозијата. Според достапните информации во инцидентот нема повредени или загинати.
Претседателот Путин (72) редовно користи руски лимузини „аурус“, а една од нив неодамна му подари на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.