Во меѓународна акција на шпанската и колумбиската полиција е разбиена една од најмоќните и најорганизирани мрежи за трговија со кокаин во светот. Операцијата, која се подготвувала со месеци, резултирала со заплена на 10 тони кокаин и апсење на пет лица – тројца во Шпанија и двајца во Колумбија.
Полицијата спровела седум координирани рации на повеќе локации во Европа и Јужна Америка, при што е разоткриена добро развиена криминална структура која, според истражителите, годишно шверцувала над 120 тони кокаин од Колумбија кон Европа преку пристаништата во Холандија, Белгија и Шпанија.
Истражителите откриле дека мрежата имала директни врски со колумбискиот клан „дел Голфо“, една од најопасните наркоорганизации на континентот. Водачите на групата управувале со операциите од Колумбија, Шпанија и Дубаи, користејќи фиктивни компании, посредници и сложени финансиски шеми за перење пари.
Посебна единица во рамките на организацијата се занимавала со перење на огромни суми преку офшор фирми и криптовалути, при што е утврдено движење на средства во висина од над 700 милиони долари.
Шпанските власти ја оценија акцијата како една од најголемите победи во борбата против меѓународниот нарко-картел, предупредувајќи дека дел од структурата сè уште е активен и дека истрагата продолжува.