ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) Со врзани очи до фабриката на смртта: Како Украина ги произведува ракетите „Фламинго“

(ВИДЕО) Со врзани очи до фабриката на смртта: Како Украина ги произведува ракетите „Фламинго“
Kristal

Новинарска екипа на Би-Би-Си добила редок и строго контролиран пристап до тајна фабрика во Украина каде се произведува едно од најновите оружја со долг дострел – крстосувачката ракета „Фламинго“. Новинарите биле транспортирани до локацијата со врзани очи и со наредба да ги исклучат мобилните телефони, што јасно ја покажува исклучителната тајност околу производството. Според Би-Би-Си, ваквото дисперзирано и скриено производство е клучно за украинскиот опстанок, особено откако две фабрики на компанијата „Фајр Поинт“ веќе биле погодени во руски напади.

Во објектите каде што се одвива производството, на новинарите им било строго забрането да снимаат какви било препознатливи детали – од архитектонски елементи до лица на работниците. И покрај постојаните напади, Украина интензивно ја зајакнува сопствената воена индустрија. Претседателот Володимир Зеленски тврди дека земјата денес произведува повеќе од половина од оружјето што го користи на фронтот, додека речиси целиот арсенал со долг дострел е домашен производ.

На почетокот на војната, украинската армија во голема мера се потпираше на застарени советски резерви. Поддршката од Западот помогна во модернизацијата, но денес Украина е меѓу водечките земји во развојот на беспилотни системи, роботика и напредни дронови.

Во фабриката, пред огромната ракета „Фламинго“, стои Ирина Терех, главна техничка директорка на „Фајр Поинт“ – еден од најголемите производители на дронови и ракети во земјата. Поранешна студентка по архитектура, денес таа е дел од тимот што создава оружје за уништување на руската воена инфраструктура. Таа објаснува дека ракетата сега е обоена во црно, за разлика од претходните розови прототипови, со симболична порака дека „јаде руска нафта“.

По својот изглед, „Фламинго“ наликува на германската ракета V1 од Втората светска војна – со голем млазен мотор монтиран на долга цевка, со димензии споредливи со лондонски автобус. Ракетите веќе биле користени во борбени услови, иако компанијата одбива да открие конкретни цели.

Ова оружје припаѓа на категоријата средства за длабински удар – тип вооружување што западните сојузници не сакаат директно да ѝ го испорачаат на Украина. Според достапните информации, „Фламинго“ има дострел до 3.000 километри, што ја става во ранг со американскиот „Томахавк“, оружје кое, според извештаите, САД одбиле да го достават на Киев.

Длабинските напади се сметаат за клучна компонента во актуелната фаза од војната. Иако Украина губи територија на фронт долг повеќе од илјада километри, стратегијата сè повеќе се фокусира на напади врз руската воена и енергетска економија. Началникот на украинските вооружени сили, генерал Олександр Сирски, тврди дека ваквите напади годинава ѝ нанеле на руската економија штета поголема од 21,5 милијарди долари.

Руслан, офицер во украинските специјални сили, објаснува дека целта е едноставна – намалување на воените капацитети и економската моќ на противникот. Тој вели дека неговите единици извеле стотици напади врз рафинерии, фабрики за оружје и складишта за муниција длабоко во руската територија.

Русија, од друга страна, возвраќа со уште поголем интензитет. Во просек, дневно лансира околу 200 дронови „Шахед“, додека Украина може да одговори со приближно половина од тој број. Покрај тоа, руските напади често не се ограничуваат само на воени цели, што предизвикува сериозни прекини во електроснабдувањето низ целата земја.

И покрај тоа, украинската страна верува дека предноста не е во количината, туку во тактиката. Терех истакнува дека Украина не може да се натпреварува со руските ресурси, но затоа се потпира на иновации, интелект и прилагодливост. Нејзиниот колега, главниот дизајнер и коосновач на „Фајр Поинт“, Денис Штилерман, додава дека не постои „чудотворно оружје“, туку дека вистинскиот фактор што ја менува играта е волјата за победа.

Компанијата „Фајр Поинт“ не постоела пред руската инвазија, а денес произведува околу 200 дронови дневно. Нивните модели FP1 и FP2, со големина на мал авион, учествувале во околу 60 проценти од украинските напади со долг дострел. Цената на еден дрон е околу 50.000 долари – значително пониска од рускиот „Шахед“, чија месечна продукција достигнува речиси 3.000 парчиња.

Иако Украина и понатаму има потреба од странска помош, целта е што поголема самостојност. Според Терех, компанијата свесно се одлучила да користи домашни компоненти, избегнувајќи делови од Кина и САД. Таа објаснува дека зависноста од американска технологија носи ризик, бидејќи политичките одлуки можат преку ноќ да ја ограничат употребата на сопственото оружје.

Со намалената американска поддршка и зголемениот товар врз Европа, загриженоста за идните безбедносни гаранции сè повеќе расте. Терех актуелните мировни разговори ги опишува како преговори за капитулација и смета дека единствениот вистински пат до безбедност е сопственото производство на оружје.

Таа порачува дека Европа треба внимателно да гледа и да учи од украинското искуство, додавајќи дека Украина е „крвав пример“ за неподготвеноста на континентот за современа војна. Според неа, доколку која било друга европска држава се соочела со ист напад, одамна ќе била поразена.

Видео:

FixCredit
Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape