Само неколку дена пред пристигнувањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Јапонија, во близина на амбасадата на САД во Токио се случи сериозен инцидент кој ја вознемири јавноста и ги крена на нозе безбедносните служби.
Според јапонските медиуми, машко лице вооружено со нож нападнало полицаец кој бил дел од обезбедувањето во околината на дипломатската мисија. Напаѓачот бил веднаш совладан и уапсен, но едно лице од полицијата е повредено. Засега степенот на повредите не е познат, јавува TBS News, повикувајќи се на полициски извори.
Јапонските власти се уште ја истражуваат позадината на нападот, а мотивот засега останува непознат. Инцидентот предизвика дополнителна загриженост бидејќи се случува во период кога безбедносните мерки во Токио се на највисоко ниво поради претстојната посета на Трамп.
Американскиот претседател ќе престојува во Јапонија од 27 до 29 октомври, каде што е планирано да се сретне со јапонскиот цар Нарухито и со новоизбраната премиерка Санае Такаичи, потврди јапонската влада, пренесува Ројтерс.
Како одговор на инцидентот, Токиската полициска управа веднаш мобилизирала дополнителни 18.000 службеници со цел да ја зајакне безбедноста во престолнината и околу сите стратешки локации, вклучувајќи ја и американската амбасада.
Инцидентот ја зголеми напнатоста пред престојот на Трамп, кој се смета за еден од најчуваните светски лидери, а јапонските власти порачуваат дека безбедноста ќе биде апсолутен приоритет во наредните денови.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк















