Осумнаесетгодишното чекање на Вардар за финале во фудбалскиот Куп на Македонија заврши со ремито 1:1 со Брера во Струмица, со кое петкратниот освојувач на ова натпреварување ја зачува предноста од 3:0 во Скопје и избори меч за трофејот на 21 мај.
Најуспешниот учесник во Купот за противник ќе ја има Струга, која ремизира 1:1 дома со Шкендија и ја одбрани победата од 2:1 во Тетово.
Христијан Јанкулоски ги доведе во водство струмичани во 34. минута, а конечниот резултат го постави Михаил Талевски во 58. минута.
Финалето најверојатно ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ и за „црвено-црните“ тоа ќе биде седмо, а за стружани второ, по поразот на пенали од Македонија Ѓорче Петров пред две години.