Македонскиот алпски скијач Виктор Петков го комплетираше својот настап во велеслалом на Зимските олимписки игри 2026, освојувајќи го 55. место по двете извозени трки.
По првата трка Петков беше пласиран на 58. позиција, но во втората успеа да напредува за три места и достојно да го заокружи својот олимписки настап. Разликата во однос на победникот изнесуваше 23,37 секунди.
А вистинската сензација дојде на врвот на табелата! Златниот медал го освои Братен Пињеиро од Бразил – резултат што ретко кој го предвидуваше во една од најпредизвикувачките дисциплини во алпското скијање.
Среброто му припадна на Марко Одермат, додека бронзата ја освои Лоик Мејар.
Победата на Бразилецот се смета за историски момент, имајќи предвид дека станува збор за земја која традиционално не се поврзува со зимските спортови. Овој успех веќе се оценува како една од најголемите приказни на Игрите.
Иако не се вмеша во борбата за медали, Петков достојно ја претстави Македонија и ги извозе двете трки без откажување – што само по себе е успех на најголемата спортска сцена.

















