Меси: Сакав да се вратам во Барселона, но семејството и околностите ме донесоа во Мајами
Аргентинската фудбалска легенда Лионел Меси во интервју за „Simplemente Fútbol“ откри дека по завршувањето на својот престој во Пари Сен Жермен, бил подготвен да се врати во Барселона. Сепак, и покрај желбата, враќањето не било возможно, па решил да ја продолжи кариерата во Интер Мајами, клуб од МЛС-лигата.
„Искрено, сакав да се вратам во Барселона. Тоа беше мојата желба, мојот дом. Но, околностите не дозволија тоа да се реализира. Поразговаравме дома и донесовме семејна одлука – да се преселиме во Мајами,“ изјави Меси.
Тој нагласи дека комфорот и среќата на неговото семејство отсекогаш му биле приоритет, но желбата за натпреварување и победување останува жива.
„Најважно ми беше да се осигурам дека семејството ќе биде добро. Денес, навистина уживам во фудбалот и во животот. Но, желбата за победа никогаш нема да згасне – тоа е дел од мене, тоа е како што сум израснал. Сакам да се натпреварувам, тоа ми е во крвта,“ додаде Аргентинецот.
Меси истакна дека, по освојувањето на Светското првенство со Аргентина во 2022 година, веќе нема што да докажува.
„Светската титула е најубавото нешто што сум го доживеал. Тоа беше единственото нешто што ми недостасуваше. Кога ја освоив, им реков на моите најблиски: тоа е тоа.“
Во разговорот, Меси посвети внимание и на младиот талент на Барселона и шпанската репрезентација, Ламин Јамал.
„Она што го прави Ламин на таа возраст е неверојатно. Веќе е европски шампион, а има само 17 години. Сè уште расте, но нема сомнеж дека станува збор за извонреден талент кој веќе сега е еден од најдобрите на светот“, заклучи Меси.