Битола ќе биде домаќин на исклучителен музички и сценски настан кој, според градоначалникот Тони Коњановски, претставува вистински подарок за градот. На 21 април, во Центарот за култура, ќе се одржи концертот „ПРЕМИН“ – уметнички чин што ги спојува музиката, театарот и духовноста.
„Ова не е обичен концерт, туку искуство кое се чувствува, не се слуша само. Горан Трајкоски и целата уметничка екипа со својата креативност ја подигаат културната понуда на Битола на едно повисоко ниво. Тоа е настан од отворен карактер, без влезници, но со силна симболика и порака,“ истакна Коњановски.
Музичкиот проект „ПРЕМИН“ го носи автентичниот звук на Горан Трајкоски, во соработка со Камерниот оркестар – Битола под диригентство на Владимир Димовски, а со вокали од Тања Царовска, Ана Митоска и Петар Христов. Режијата ја потпишува Дејан Пројковски, еден од најпризнатите театарски автори во земјава.
Коњановски посочи дека поддршката од Општината и културните институции не е случајна. „Ова е дел од нашата стратегија за поттикнување на уметнички проекти што носат вредност, продлабочуваат размислување и нудат квалитет на нашата културна сцена.“
Настанот се организира во рамки на велигденската недела, симболично претставувајќи премин – и духовен и културен. Влезот е слободен, но местата се ограничени. Поддржувачи на проектот се НУ Центар за култура, Народен театар – Битола и Министерството за култура.
