ПРВ.мк
Македонија

(ВИДЕО) НОЌНА БОРБА СО ОГНОТ: Доцна синоќа голем пожар кај Штип!

(ВИДЕО) НОЌНА БОРБА СО ОГНОТ: Доцна синоќа голем пожар кај Штип!

Голем пожар што избувна доцна синоќа во близина на Штип предизвика загриженост кај жителите, откако огнената стихија почна да се движи кон првите куќи во населбата Кадидаре. Благодарение на брзата и координирана интервенција на пожарникарите и доброволците, пожарот беше ставен под контрола пред да предизвика поголеми последици.

Според првичните информации, пожарот настанал откако удар од гром запалил сува трева и ниска вегетација. Силниот ветер дополнително придонел огнот брзо да се прошири кон ридските предели Клисебаир и Кумлак, создавајќи сериозна закана за околните подрачја.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на вонредна прес-конференција истакна дека пожарот се ширел по исклучително непристапен терен, што значително ја отежнувало интервенцијата. Тој посочи дека од повисоките делови на градот јасно можеле да се забележат пламените јазици кои се приближувале кон населбата Кадидаре, предизвикувајќи вознемиреност кај жителите.

Во гаснењето биле вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица, членовите на Доброволното противпожарно друштво – Штип, како и механизација и ресурси од јавните претпријатија. Сите расположливи капацитети биле ставени во функција со цел пожарот да биде локализиран што е можно побрзо и да се спречи неговото натамошно ширење.

Јорданов нагласи дека немало причина за паника бидејќи институциите навремено реагирале и целосно ја следеле состојбата на терен. Според официјалните информации, нема повредени лица, а ниту еден дом не бил директно загрозен од огнот.

Доброволниот пожарникар Зоран Младеновски од ДПД – Штип изјави дека пожарот е ставен под контрола и оти очекува состојбата целосно да се стабилизира. Во акцијата учествувале 12 доброволни пожарникари со сопствени теренски возила, кои заедно со професионалните екипи дале значителен придонес во справувањето со огнената стихија.

Благодарение на брзата мобилизација и заедничката акција на сите служби, беше спречено пожарот да се прошири кон населените места и да предизвика посериозна материјална штета.

ВИДЕО