Во државата има смет, но нема депонии или регулирани центри за отпад, а проектот долги години се одолговлекува поради неверување и несигурност кај луѓето во неговата реализација, вели градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стефановски. Тој тврди дека општинската управа и во моментов се соочува со проблем поради отпадот, бидејќи неколку општини во регионот го складираат сметот во ѓубриштето во Мегленци, нестандардизирана и нерегулирана депонија и не знаат ниту што се одлага, ниту што се носи таму.
Во Прилеп, пак, граѓаните успешно се справувале со отпадот, вели прилепскиот градоначалник Борче Јовчески. Преку конференција во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска, денеска се разви дискусија меѓу националните и локалните власти, донаторската заедница и другите чинители во областа на управување со отпадот со цел да се промовираат политиките за управување со отпадот, да се овозможи постратешко користење на достапните средства и да се координираат програмите и финансирањето за да осигура долгорочна одржливост на системот за управување со отпадот.