ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО МВР: Полицајци осомничени дека тепале веќе приведено лице – покрената кривична пријава!

СКАНДАЛ ВО МВР: Полицајци осомничени дека тепале веќе приведено лице – покрената кривична пријава!

Двајца полициски службеници од Скопје се под истрага откако биле осомничени дека употребиле прекумерна сила врз лице кое претходно било приведено, при што му нанеле телесни повреди.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против Д.С. и М.С., полицајци од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.

Според информациите, инцидентот се случил на 19 април околу 03 часот наутро, за време на службена интервенција.

МВР наведува дека двајцата полицајци, при извршување службени задачи, наводно примениле прекумерна физичка сила врз лице кое веќе било лишено од слобода.

Во инцидентот приведеното лице добило повреди, по што бил отворен случај и започната внатрешна истрага.

Покрај кривичната пријава, против полициските службеници ќе биде поведена и дисциплинска постапка поради сомнение за прекршување на работната дисциплина и професионалните стандарди.

Сега на потег е Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое треба да утврди дали и каква одговорност ќе сносат пријавените полицајци.