ПРВ.мк
Македонија

Се отвора едно од најтешките судски прашања во Македонија: Ќе останат ли доживотните казни за убиствата на Вања и Панче?

Се отвора едно од најтешките судски прашања во Македонија: Ќе останат ли доживотните казни за убиствата на Вања и Панче?

Апелацискиот суд во Скопје денеска повторно ќе го стави во фокус еден од најпотресните случаи што ја потресе Македонија, откако започнува разгледувањето на жалбите за пресудата поврзана со грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес.

Случајот сега влегува во второстепена постапка, откако жалби поднесоа и одбраната и Основното јавно обвинителство. Со тоа, Апелација ќе треба повторно да ги анализира доказите, сведочењата и донесената пресуда која предизвика огромно внимание во јавноста.

Одбраната бара целосно укинување на првостепената пресуда и повторување на судскиот процес, тврдејќи дека постапката содржи пропусти. Од друга страна, Обвинителството не се согласува со одлуката со која таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, беше ослободен од обвинение поради недостиг на докази и бара преиспитување и на тој дел од пресудата.

Јавната седница првично требаше да се одржи на 9 април, но беше одложена, по што денешното рочиште добива уште поголемо внимание од јавноста.

Со првостепената пресуда што ја донесе Основниот кривичен суд Скопје, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа осудени на доживотен затвор за убиствата на Вања и Панче. Дополнително, секој од обвинетите доби и по 10 години затвор за делото грабнување.

Според обвинението, киднапирањето на Вања било внимателно испланирано со намера да се изнуди откуп од член на нејзиното семејство. Во случајот со Панче Жежовски, обвинителите тврдат дека тој бил грабнат за да му биде одземено возилото, кое подоцна било искористено во извршувањето на злосторството.

Случајот ја потресе целата држава откако Вања и Панче беа пријавени за исчезнати во ноември 2023 година. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември, а трагедијата предизвика огромен револт, тага и барања за најстроги казни.

Сега вниманието е насочено кон Апелацискиот суд, кој ќе треба да одлучи дали доживотните казни ќе останат на сила или предметот ќе добие нов судски развој.

Најнови вести