Министерството за внатрешни работи соопшти дека е расчистен случајот со обидот за опожарување на верскиот објект на Еврејската заедница во Скопје, кој се случил на 12 април 2026 година, околу 04:50 часот.
По пријавата, биле преземени мерки од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во координација со СВР Скопје и Агенцијата за национална безбедност. Во рамки на истрагата биле спроведени повеќе оперативни активности на подрачјето на Скопје.
На 30 април биле извршени претреси на 13 локации во главниот град, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК. При акцијата биле приведени седум лица, а одземени се предмети и електронски уреди поврзани со случајот.

Од МВР информираат дека е поднесена кривична пријава против две лица од Скопје, осомничени за кривично дело „тероризам“. По одлука на судија на претходна постапка, на нив им е одредена мерка притвор.
Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно документирање на случајот.








