Повредени пациенти од трагедијата во Кочани се враќаат од лекување во странство
Министерството за здравство соопшти дека денеска петмина од повредените во несреќата во Кочани се враќаат од лекување во Клиничкиот центар во Србија. Согласно утврдениот протокол, тројца од нив ќе бидат сместени на Клиниката за пулмологија, еден пациент ќе продолжи под надзор на Клиниката за пластична хирургија, а уште еден ќе биде хоспитализиран во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
Вчера, уште еден пациент се врати од лекување во Хрватска и е под опсервација на Клиниката за пластична хирургија. Со ова, бројот на пациенти што сè уште се лекуваат во странство се сведува на 38.
Во земјава, во моментот се лекуваат седум пациенти: четворица се хоспитализирани во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, еден на Клиниката за пластична хирургија и двајца во приватната болница „Систина“.
Министерството нагласува дека внимателно ја следи состојбата на повредените и дека приоритет останува обезбедување квалитетен третман и успешна рехабилитација за секој пациент.