ПРВ.мк

Николоски оствари средба со Герет Томас, министер за економија и извоз на Велика Британија: Најавена економска соработка

Николоски оствари средба со Герет Томас, министер за економија и извоз на Велика Британија: Најавена економска соработка
Jumbo Banner

Во рамки на дводневната официјална посета на Обединетото Кралство, потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со британскиот министер за економија и извоз, Герет Томас.

Како што информира Николоски, средбата била посветена на продлабочување на економската и стратешка соработка меѓу Северна Македонија и Велика Британија, со фокус на извозот, инфраструктурата и инвестициите.

„Во рамки на посетата на високо ниво на Велика Британија, денеска остварив средба со министерот за извоз и економија на Велика Британија, Герет Томас. Со него разговаравме за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави, имајќи предвид дека Велика Британија е втор трговски партнер на Македонија.

Македонија извезува околу 2,5 милијарди евра во Велика Британија и имаме јасна цел тој извоз да расте и во скоро време да ја надминеме бројката од 3 милијарди евра извоз, што сериозно ја помага македонската економија, значи добро платени работни места и секако ќе значи нови работни места.“

Николоски потенцираше дека освен за трговската размена, на средбата се разговарало и за конкретни инфраструктурни проекти и можности за британска поддршка.

„Со министерот за извоз и економија на Велика Британија зборувавме за инфраструктурни проекти што ги раководам како министер за транспорт и потпретседател на македонската влада, разговаравме за развојот на железницата, за развојот на автопатите и авиосообраќајот и можностите што Велика Британија ги има за да и помогне на Македонија. Разговаравме и за финансиските можности што ги има Велика Британија, секако и околу знаењата. За таа цел остваривме и средба со компанијата “Crossrail” – компанија која е на британската влада и која ја изведе првата целосно дигитализирана метро линија во Велика Британија, тоа е линијата наречена по кралицата “Елизабета”.“

Во текот на денот, Николоски ќе има и други важни средби во Лондон, меѓу кои и со претставници на финансиски институции, како и со британската извозна агенција. Посетата продолжува и утре, со разговори на високо ниво со претставници од Министерството за надворешни работи на Велика Британија, специјалниот пратеник за Западен Балкан и други релевантни институции.

„Сметам дека оваа посета на Лондон е нов чекор во соработката меѓу Македонија и Велика Британија и со тоа ја позиционира Македонија како стратешки партнер во Југоисточна Европа на Велика Британија – нешто што е чекор напред за сите македонски граѓани и долгорочно партнерство со држава која има огромна традиција, силна економија и, како што велат, е последната империја во светот“ – изјави Николоски.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран