Заменик министерот за економија Марјан Ристески соопшти дека мерката „Училишна кошничка“, која беше активна од 15 август до 15 септември, овозможила значителна финансиска заштеда за родителите и студентите, при набавката на училишен прибор.
Според првичните податоци, заштедата по ученик се движела од 750 до 2.000 денари, што значи дека просечно семејство со две деца можело да заштеди и до 3.000 денари. Конечната анализа ќе биде доставена до Владата во петок, информираше Ристески.
„Мислам дека им беше дадена одлична можност на сите граѓани да ги купат потребните училишни материјали по поевтини цени. Некои книжарници дури нудеа и дополнителни попусти над предвидените со мерката“, изјави Ристески.
Во рамки на мерката, трговците на големо ги намалија цените најмалку за 10%, а трговците на мало за најмалку 15%. Акцијата беше спроведена низ над 400 продажни објекти, вклучувајќи книжарници, маркети и други пунктови.
Според пазарната инспекција, извршени се околу 150 контроли, при што мерката била генерално почитувана, со мали забелешки и опомени, но без сериозни прекршувања.
Мерката се спроведе и лани, и според Министерството, има позитивен ефект врз семејните буџети, особено во пресрет на новата учебна година.