Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека од почетокот на мандатот на Владата се воведени 23 нови директни авиолинии, а аеродромите во Скопје и Охрид веќе опслужиле 3,5 милиони патници. Според него, годинава бројката се очекува да надмине 4 милиони, што би претставувало апсолутен рекорд и би го позиционирало Скопје како лидер по пораст во регионот.
Николоски нагласи дека Владата спроведува стратегија за активно привлекување нови авиокомпании и отворање нови линии, со јасна цел – зголемување на туристичкиот промет, поттикнување на бизнис-патувањата и подобра поврзаност на земјата со светот.
– Почнавме сериозна политика на привлекување нови авиолинии и авиокомпании, имајќи предвид дека Македонија нема излез на море и дека аеродромите се нашиот единствен излез за да доаѓаат повеќе туристи, повеќе луѓе за бизнис и да им се овозможи на македонските граѓани повеќе да патуваат – изјави тој.
Тој посочи дека ако се земе предвид дека државата има околу 1,8 милиони жители, тогаш бројот на авиопатници е значително над бројот на населението, што според него е доказ за динамичниот раст на воздушниот сообраќај. Николоски истакна дека скопскиот аеродром годинава би можел да биде лидер по раст во регионот на поранешна Југославија, и покрај тоа што градови како Загреб, Сараево и Белград се поголеми од Скопје.
Дополнително, тој информираше дека се водат преговори за воспоставување директни летови со Саудиска Арабија, што би значело проширување на воздушната мрежа и отворање нови можности за туристичка и економска соработка.
– Очекувам наскоро да објавиме директни летови кон скопскиот и охридскиот аеродром и ќе продолжиме со политиката на стимулирање авиолинии. Верувам дека годинава ќе надминеме 4 милиони патници, што ќе биде историски резултат – истакна Николоски.

















