Државата го загуби првиот случај пред Европски суд за човекови права поврзан со нечовечко постапување во затворот „Идризово“, откако затвореникот Ф.М. успеа да ја докаже својата жалба пред судиите во Стразбур.
Случајот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога, според поднесената претставка, затвореникот бил брутално претепан од затворски полицаец пред кантината во установата. Тој тврдеше дека бил изложен на тортура, но и дека домашните институции не спровеле ефикасна и темелна истрага за да се утврди одговорноста.
Бидејќи во земјава не била утврдена вина за инцидентот, случајот завршил пред Судот во Стразбур. Соочена со аргументите и доказите, Владата поднела унилатерална декларација со која признала повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права, кој забранува тортура и нечовечко или понижувачко постапување.
Со декларацијата, државата се обврзала да му исплати на апликантот 11.295 евра како надомест за нематеријална штета. Иако подносителот на претставката не бил целосно задоволен од ваквиот исход, Судот одлучил да го затвори предметот поради признанието на повредата и преземената обврска за обештетување.
Овој случај претставува значаен преседан, бидејќи станува збор за прва загубена постапка на државата пред Европскиот суд за човекови права поврзана со наводи за нечовечко постапување во затворот „Идризово“, со што дополнително се отвора прашањето за условите и надзорот во казнено-поправните установи.


















