ПРВ.мк
Македонија

„Ќе дознаеме од што починале нашите деца во „Пулс“ – родителите бараат вистина по средбата со Судска медицина!

„Ќе дознаеме од што починале нашите деца во „Пулс“ – родителите бараат вистина по средбата со Судска медицина!

Дел од родителите на децата што загинаа во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани утрово се сретнаа со директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков. Тие побараа информации за токсиколошките анализи од обдукцијата на телата на жртвите, но добија потврда дека резултатите ќе бидат презентирани пред судот во рамките на доказната постапка.

„Баравме да дознаеме дали се направени сите токсиколошки анализи за нашите починати деца. Не добивме одговор, па дојдовме лично. Ни кажаа дека сè е предадено во Обвинителството и дека ќе чекаме судот да ги презентира наодите“, изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова и претседател на Здружението „16 март 2025 Кочани“.

Родителите побараа информации дали во телата на жртвите било утврдено присуство на цијанидни соединенија, кои потенцијално би биле причина за смртта. На средбата, им било потврдено дека сите токсиколошки анализи се извршени и сите материјали се предадени во Обвинителството.

„Институтот не може да ни открие детали пред судот. Сè ќе биде јавно презентирано на рочиштето“, додаде Наунов.

Директорот Станков истакна дека сè што било побарано од Институтот по трагичниот настан е завршено и дека доказите ќе бидат презентирани пред судот: „Луѓето ја разбраа нашата работа и знаат дека сè ќе биде јавно во текот на судската постапка.“

Родителите повторно апелираат до институциите да ги дадат одговорите за причините за смртта на нивните деца, нагласувајќи дека повеќе од една година се соочуваат со непознаници и тајност околу токсиколошките анализи.

Денеска е закажано ново рочиште од судскиот процес за пожарот во „Пулс“. Во овој процес се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, блиски на сопствениците, инспектори, поранешни министри и припадници на обезбедувањето. На почетокот на судењето, сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија причинската врска помеѓу нивните дејствија и трагичниот пожар.

Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.