Асмир Јахоски ќе остане во притвор откако Кривичниот совет при Oсновниот кривичниот суд – Скопје го одби како неосновано барањето мерката притвор да се замени со кауција. Судот оцени дека сè уште се присутни околности од член 165, став 1, точки 1 и 2 од Законот за кривична постапка, односно ризикот обвинетиот да ја попречи истрагата преку влијание врз сведоците или со уништување и фалсификување на докази.
Соопштено е дека истражната постапка е во тек и се преземаат дополнителни дејствија за обезбедување на докази.
Обвинителството се согласи тој да биде ослободен, но да даде дополнителни 1,1 милион евра на посебна сметка во банка. Јахоски првично предложи замена на мерката притвор која му е одредена во рамки на истрагата за набавка на мазут во ТЕЦ „Неготино“ за мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, односно 986 191 евра. Тој кауцијата што ја понудил во возила и станови, ја доставил до скопскиот Кривичен суд, а од таму била препратена до Обвинителството за мислење.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор. Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра. Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.
Асмир е син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.