Скопје во наредниот период би можело да влезе во голем циклус на промени во јавниот превоз и градската инфраструктура, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека градот конечно ќе добие и нов Луна парк за деца и возрасни. Според неговите очекувања, ако постапката заврши успешно и се избере сериозен изведувач, отворањето би можело да се случи околу јуни 2027 година.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Ѓорѓиевски посочи дека процесот со ЕБОР за БРТ проектот е откочен и дека во втората половина од годинава очекува да започне тендерската постапка. Теренските активности за БРТ, како што најави, би почнале во 2027 година.
Паралелно, градот планира обнова на јавниот превоз со повеќе од 100 нови автобуси со поддршка од Владата, а дополнителни автобуси се предвидени и преку БРТ проектот. Тој нагласи дека целта не е да се покријат само дел од правците, туку да се овозможи поширока мрежа, вклучително и нови траси кон Радишани и Драчево.
Во однос на сообраќајот и загадувањето, Ѓорѓиевски вели дека се работи со паралелен пристап — решавање на тесните грла, подобрување на протокот и истовремено вложување во еколошки транспорт и други мерки за почист воздух.

















