Денеска во Кочани се одбележа годишнината од трагичниот пожар од 16 март 2025 година, кога животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Државниот врв, семејствата на жртвите и граѓани присуствуваа на молитвата за упокоените во Паркот на револуцијата, служена од митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион.
Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова носеа беџови со скршено срце и датумот на трагедијата, поставени од семејствата на загинатите, а потоа се потпишаа во Книгата на жалоста.
Во Паркот на револуцијата беше поставена инсталацијата „63 бели столчиња – 63 животи“, со по една бела роза на секое столче, симболизирајќи ги невините животи што недостигаат.
Собирот започна рано изутрината пред поранешното кабаре „Пулс“, каде со свеќи и една минута молк, присутните родители и граѓани оддадоа почит на настраданите.
Премиерот Мицкоски на социјалните мрежи порача: „Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единство нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата, Кочани памети, Македонија памети.“
Годишнината беше одбележана преку повеќе настани организирани од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, како симбол на сеќавање и поддршка кон семејствата на загинатите.
















