Сериозна опасност се појави на магистралниот пат од Скопје кон Велес, веднаш по тунелот кај Катланово, каде е регистриран голем одрон што зафатил една сообраќајна лента. Според информациите, од карпите постојано се одвојуваат камења, што претставува директен ризик за возачите.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност и намалена брзина, особено во делот каде што е забележано паѓање на материјал од косината покрај патот. Дел од коловозот е веќе попречен, а сообраќајот се одвива отежнато.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека случајот веднаш е пријавен до Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, како и до Министерството за внатрешни работи преку нивниот оперативен центар. Се очекува институциите да преземат мерки за обезбедување на теренот и расчистување на одронот.
Во меѓувреме, возачите кои се движат на релација Скопје–Велес се повикуваат да бидат крајно претпазливи и, доколку има можност, да користат алтернативни правци додека состојбата не биде целосно стабилизирана.

















