Финансова полиција поднесе кривична пријава против поранешниот в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје, Сабахадин Рустеми, заради основано сомнение за повеќе кривични дела: „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „проневера во службата“ – во обид. Рустеми, според полицијата, склучувал договори за интелектуални услуги и јавни набавки со физички лица и фирми, со цел да овозможи лична корист во вкупен износ од околу 68,5 илјади евра.
Во текот на 2025 година, два дена пред истекот на договорот за интелектуални услуги со ВЕДА ДООЕЛ Скопје, Рустеми склучил пет договори со физички лица во вредност од 3.608.708 денари. Два од договорите биле фиктивни, со висока нереална вредност за услуги кои немале да се извршат, а останатите три биле за сметководствени услуги, иако едно од лицата немало овластување за сметководител.
По престанокот на важноста на договорот со ВЕДА ДООЕЛ Скопје, Рустеми склучил нов договор со ЕСИ СОЛУШН ДООЕЛ Скопје, преку кој ангажирал трето лице и возило за собирање смет, исплатувајќи 604.461 денари.
Според Финансова полиција, со овие постапки Рустеми ги прекршил законите за јавни набавки и начелата за економичност, транспарентност и конкуренција, овозможувајќи корист на договорните лица.
Рустеми од октомври 2025 година се наоѓа во притвор поради друг кривичен предмет за „загрозување на животната средина со отпад“, заради создавање мали депонии на јавни и сообраќајни површини во Скопје.


















