Во здравствените установи во земјава се лекуваат 16 пациенти кои беа повредени во пожарот во кочанската дискотека, сите се во добра здравствена состојба. Во клиники во странство се наоѓаат 89 пациенти, а четворица од нив се во потешка состојба. Двајца од нив, кои се лекуваат во Солун, имаат подобрување на здравствената состојба.
„Кај нас се извршени неколку операции со трансплантација на кожа во градската болница и на пластична хирургија, за пациентите кои се наоѓаат во странство во зависност од здравствената состојба и тријажата кога ќе дојдат на конзилијарен преглед ќе видиме дали ќе треба да се направат нови операции или рехабилитација“, изјави д-р Игор Мерџановски, Клиника за трауматологија за МРТВ.
Два месеци пред трагедијата во Кочани, лекарите извршиле симулациска вежба со слично сценарио, што, како што истакнува д-р Мерџановски, значително помогнало во овие услови. Вежбата помогнала во обновување на координацијата меѓу институциите за спасување на цивили во кризни ситуации. При транспортот на повредените пациенти учествувале Итната медицинска помош и хеликоптерите на Министерството за внатрешни работи.
„Сценариото беше Ласкарци, имаше пожар, имаше изгорени и повредени пациенти. Најважно ни беше што на таа вежба ги формиравме системите и кризните штабови, кога се случи трагедијата во Кочани ние веќе имавме кризни штабови кои беа оформени и поврзани меѓу себе“, изјави д-р Мерџановски.