Над 40 тони необележени јајца од Србија завршија уништени на депонијата Дрисла, откако инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во координација со Царинската управа спречија обид за нелегален увоз.
Акцијата била реализирана на граничниот премин Табановце, каде при детална контрола биле откриени дури 572.400 свежи јајца, вешто скриени зад легално декларирана стока. Во една пратка биле пронајдени 270.000, а во другата 302.400 јајца без никакво обележување.
Од Агенцијата посочуваат дека постоеле сериозни индиции оти јајцата требало дополнително да се означат и лажно да се пласираат како домашно производство, што би претставувало директна измама и ризик за потрошувачите, но и удар врз домашните производители.
„Со брза и координирана реакција спречивме сериозна измама и потенцијална опасност по здравјето на граѓаните“, информираат надлежните.
Целата количина – 40 тони и 410 килограми – е прогласена за небезбедна и еколошки уништена.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат строги мерки против инволвираните субјекти, како и дополнителни контроли на нивното работење, нагласувајќи дека борбата против измами со храна останува приоритет.



















