Јавното здравство ќе добие значајно засилување со набавка на 100 нови амбулантни возила, опремени со современа медицинска опрема. Министерството за здравство ја објави јавната набавка согласно заклучок од седница на Владата, а во тек е законскиот рок за доставување понуди.
Вредноста на инвестицијата изнесува 461.250.000 денари, а возилата ќе бидат наменети за јавните здравствени установи низ државата. Според министерот за здравство Азир Алиу, оваа набавка ќе овозможи побрза и поефикасна реакција при итни случаи, како и навремен транспорт на пациентите до соодветните здравствени установи.
Посебно значење има тоа што новите амбулантни возила ќе бидат распределени во различни подрачја, со цел подобра покриеност и во руралните средини, каде пристапот до брза медицинска помош често е од клучна важност.
Од Министерството за здравство посочуваат дека оваа инвестиција е дел од поширок процес за јакнење на системот за здравствен одговор во кризни ситуации. Со модернизација на итната медицинска помош, здравствениот систем треба да добие поголема оперативна способност и подобра подготвеност за брз, организиран и ефикасен одговор.









