Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен маж од Скопје, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела телесна повреда и загрозување на сигурноста, согласно членовите 130 и 144 од Кривичниот законик.
Според информациите од обвинителството, на 14 јануари, осомничениот, во видно алкохолизирана состојба, ја нападнал својата партнерка во дом во општина Гази Баба, каде што таа привремено престојувала.
Нападот бил исклучително насилен – мажот ја удирал жената по главата и телото, ја давал за вратот, а во еден момент ѝ се заканил и со нож, со кој замавнал кон неа. Жртвата била спасена благодарение на двајца потстанари во истата куќа, кои успеале да ја извлечат и веднаш ја повикале полицијата.
По лекарскиот преглед, кај жената биле констатирани повеќе телесни повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска, што укажува на сериозноста на нападот.
Од Јавното обвинителство информираат дека се преземаат понатамошни мерки во рамки на постапката, а осомничениот ќе одговара за кривичните дела за кои се товари.

















