Александар Стојановски, брат на покојната Ивана Јовановска, денеска сведочеше во судот за оставинската постапка, за делбата на имотот и за односот на Ивана со обвинетиот Стојанче Јовановски. Тој рече дека не е убеден дека сестра му доброволно се враќала кај Стојанче, туку дека била под закани и уцени. Исто така, нагласи дека некои нејзини постапки му се чинеле чудни и неразбирливи за семејството.
На прашањето на обвинителката Адела Бојчевиќ за односот меѓу Ивана и Стојанче, Александар рече дека во почетокот изгледало сè нормално, освен „мали кавги и недоразбирања што се случуваат во секој брак“.
– Пред бракот, имавме заеднички пријатели. По венчавката, тие се одалечија од мојата сестра. Ивана беше многу социјална, волонтираше во Црвен крст, дружелубива. На крајот на 2024 и почетокот на 2025 забележав промена во нејзиното однесување, особено во пораки на социјалните мрежи. Ми кажа дека има мали проблеми што ги решава, но од јануари престана да ми испраќа фотографии од Катја. Се сомневавме дека нешто се случува. По инцидентот на автопатот во Штип, Ивана и Катја се преселија кај мајка ми. Тогаш ми кажа дека има сериозни проблеми и ѝ треба помош. Татко ни ангажираше адвокат за развод, а Ивана ми се доверила за станот, кој, според неа, обвинетиот префрлил на свое име без нејзина согласност. Имаше и докази во телефонот и се плашеше – сведочеше Александар.
Тој потврди дека Ивана се плашела од Стојанче:
– Еднаш кога сакаше да ја види Катја, ја видов како се тресе од страв. Во јануари, кога се врати во станот, ја исклучи Фејсбук апликацијата. Телефонот ѝ беше контролиран, Стојанче често проверуваше со кого комуницира. Ивана ни покажа пораки со закани за 5.000-6.000 денари и беше решена да го пријави. По неколку дена, Стојанче беше фатен со дрога, а Ивана реши да се врати дома – објасни братот.
Тој додаде дека ѝ помагал со позајмици, но се плашел дека парите ќе бидат искористени за адвокат за Стојанче во случајот со дрогата. Ивана му открила дека Стојанче имал пиштол и ѝ се заканувал со Катја и со станот.
По смртта на татко им, Александар рече дека Мартин Саздов им помогнал околу погребот.
– Почуствував потреба да го завршам тоа што го почна татко ми и да се активира бракоразводната постапка, за Катја и Ивана да останат кај мајка ми. Ивана ми кажа дека Стојанче ѝ се заканувал дека ќе го земе станот и барал 30.000 евра. Се согласив да помогнам, но внимателно, за да не биде измамена – рече Александар.
Тој опиша дека Ивана размислувала да го доуреди станот за да живеат со Катја кај мајка им, а Катја била расположена за тоа.
– Кога Стојанче почна почесто да ја гледа Катја, Ивана се затвораше, не ни се доверуваше. На моменти ни рече „вие многу сакате сè да знаете“. Почнавме да се сомневаме дека тоа е влијание од Стојанче – додаде Александар.
Во врска со оставинската постапка, сите наследници усно се согласиле имотот да се префрли на мајката. Ивана не се појавила на неколку средби со адвокат и нотар. Таа рекла дека нема проблем ако не се разведе веднаш и дека Стојанче нема шанса да земе од имотот.
На денот за нотар, Ивана повторно не дошла. Александар добил порака дека „сè ќе се среди преку суд“ и дека „не може вака да се заврши“. Тој сфатил дека пораки не се од неговата сестра, туку некој друг.
– Стојанче ми се јави и се закануваше дека ќе го запали имотот на мајка ни. По ова ја прекинавме постапката, бидејќи Ивана ќе беше во ризик ако некој друг располага со нејзиниот дел – рече Александар.
На прашањето дали Ивана доброволно се враќала кај Стојанче, тој одговори:
– Не. Со закани, уцени и страв за Катја, особено кога Ивана беше во болница, не сум убеден дека тоа било доброволно.
Заканите не биле пријавени во полиција, бидејќи Ивана се надевала дека процесот со дрогата ќе заврши и не сакале дополнително да оптоваруваат.
По ова сведочење, јавната обвинителка го повлече предлогот да сведочи мајката на Стојанче, Цветанка Јовановска, бидејќи веќе се расветлени потребните факти. На следното рочиште ќе се изведуваат материјални докази.









