ПРВ.мк
Македонија

80 НУРКАЧИ ВО БИТКА ЗА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО: Вадат отпад од длабочините во голема еко-акција!

80 НУРКАЧИ ВО БИТКА ЗА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО: Вадат отпад од длабочините во голема еко-акција!

Околу 80 нуркачи од Македонија и неколку земји од регионот се вклучија во голема еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро, која се одржа викендов во реонот на автокампот Градиште.

Акцијата беше организирана од Нуркачкиот Центар „Амфора“ и собра учесници од Македонија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, со заедничка цел – да се заштити едно од најстарите и најзначајни природни богатства во Европа.

Во текот на акцијата нуркачите извлекоа значителни количини отпад од езерското дно, што уште еднаш ја отвори темата за човечкото влијание врз природните водни екосистеми и потребата од поголема еколошка свест.

Во иницијативата учествуваа повеќе нуркачки клубови и институции, меѓу кои Нуркачкиот Центар „Амфора“, Завод и Музеј – Охрид, Црвен Крст Охрид, како и нуркачки клубови од земјата како КПД Охрид, СНК Врело, ЕНК Пена, САЕ Тигар и БСН Волци.

Од странство се приклучија и клубови како KPA Marsonia од Хрватска, Triton Tec Team од Србија, како и SRK Shark и SRK Vitez од Босна и Херцеговина.

Организаторите истакнаа дека ваквите акции се од големо значење за зачувување на Охридското Езеро, а меѓународната соработка покажува дека заштитата на природата е заедничка одговорност која ги надминува границите.