ПРВ.мк
Македонија

350.000 ЕВРА ВО ЅИД ГО СРУШИЈА СУДИЈАТА: Обвинение за Ристов!

350.000 ЕВРА ВО ЅИД ГО СРУШИЈА СУДИЈАТА: Обвинение за Ристов!

Со пресудата за адвокатот Фехми Стафа, фатен „ин флагранти“ при примање поткуп од Љупчо Пецов – Ѓаволот, случајот со апелациониот судија Ѓоко Ристов влезе во нова фаза. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за две тешки кривични дела, додека Судот одлучи тој да остане во куќен притвор.

Апелациониот суд во Штип ја одби жалбата на одбраната, што значи дека мерката домашен притвор засега останува на сила.

Истрагата започна во декември минатата година, кога беше уапсен поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој во меѓувреме е правосилно осуден на една година и три месеци затвор по признание на вина и спогодба со Обвинителството.

Според доказите, Стафа побарал 100.000 евра од семејството на Пецов за да обезбеди влијание врз судија од Апелациониот суд во Скопје и да издејствува домашен притвор. На 13 декември 2025 година бил фатен како прима 20.000 евра од договорениот поткуп. Иако тие пари не стигнале до судијата, истрагата довела до откривање на значителна сума скриена во ѕид.

При претрес на 18 јануари годинава, во куќата на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350.000 евра, скриени во кујнски ѕид. Парите биле распоредени во 13 пакувања – 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра, дел од нив со рачно напишани износи.

Според Обвинителството, ова отвора сериозен сомнеж дека судијата со години прикривал имот и давал лажни податоци за својата имотна состојба.

– Обезбедени се докази дека осомничениот давал лажни или непотполни податоци за имот кој значително ги надминува неговите законски приходи – информираат од Обвинителството.

Покрај противправно стекнување и прикривање имот, истрагата укажува и на елементи на перење пари, со оглед на начинот на криење и потеклото на средствата.

Случајот добива дополнителна тежина затоа што станува збор за судија од Апелација, кој одлучувал по предмети од висок профил, додека паралелно, според истрагата, во неговото опкружување се одвивале активности поврзани со поткуп.

Лицето за кое требало да се издејствува укинување на притворот е Љупчо Пецов – Ѓаволот, обвинет во случајот „Синџир“, каде 26 лица се товарат за финансиски криминал тежок околу осум милиони евра.

И покрај сериозните наводи, за Ристов важи презумцијата на невиност до правосилна судска одлука. Одбраната тврди дека парите се сопственост на неговите родители, стекнати од продажба на трактори и земјиште за фотоволтаици.

– Правевме финансиски проверки, неговата плата е несразмерна со имотот што го поседувал и не го пријавил – изјави обвинителката Искра Хаџи Василева.

Најнови вести