Сè започнало уште во 1972 година, кога лекарите забележале нешто невообичаено додека анализирале крв од бремена жена – на површината на нејзините црвени крвни клетки не постоел ниту еден молекуларен маркер. Ова останало нерешена мистерија цели пет децении, сè до неодамна, кога научници од Обединетото Кралство и Израел конечно откриле за што станува збор – сосема нова крвна група.
Хематологот Луиз Тили, која речиси 20 години го истражувала овој случај во рамките на британската Национална здравствена служба, изјавила дека ова е „огромно достигнување и резултат на долгорочна соработка и напор“ кој конечно донел резултати и можност за подобра грижа за пациенти со ретки крвни особини.
Додека јавноста најчесто знае само за крвните групи A, B, AB и 0 и за Rh факторот, всушност постојат десетици други крвни системи кои се базираат на присуството на различни шеќери и протеини на површината на крвните клетки – наречени антигени. Токму тие антигени му помагаат на организмот да разликува сопствени клетки од туѓи, што е особено важно при трансфузија. Ако антигените не се поклопуваат, може да дојде до сериозни и дури смртоносни реакции.
Новата крвна група е именувана како MAL, поради тоа што е поврзана со протеинот MAL (миелин и лимфоцитен протеин), на кој се наоѓа антигенот AnWj. Повеќе од 99,9% од луѓето го имаат овој антиген, но кај пациентката од 1972 година тој недостасувал. Дури со најсовремени методи, по десетици години истражување, научниците успеале да го реконструираат процесот – со вметнување на нормалниот MAL ген во клетки што го немале, тие создадоа крв со AnWj антиген на површината.
Ова откритие значително ќе го подобри процесот на дијагностицирање на пациенти со ретки крвни групи, особено кога е потребна трансфузија или при бременост. Може да помогне и во разјаснување дали некоја необична крвна особина е наследна или резултат на здравствен проблем.
Истражувањето е објавено во престижното научно списание „Blood“, а според истражувачите, ова е уште еден доказ дека медицината никогаш не престанува да напредува – дури и кога одговорите се кријат половина век.