Кога последен пат шетавте низ супермаркет, сигурно сте забележале колку полиците се преполни со готови оброци, разни пакувани закуски и „здрави“ алтернативи кои ветуваат брзина и практичност. Но, дали навистина знаете што јадете?
Современото темпо на живот ни наметнува брзи решенија, па често посегнуваме по производи што ни штедат време, но експертите сè почесто предупредуваат дека многу од овие храни – особено ултра-преработената храна – можат да бидат опасни по нашето здравје.
Што е ултра-преработена храна и зошто е штетна?
Ова се производи кои содржат голем број на додатоци кои никогаш не би ги користеле во домашната кујна: емулгатори, згуснувачи, вештачки ароми, бои и конзерванси. Во оваа категорија спаѓаат:
- Инстант тестенини и замрзнати јадења (лазањи, пици)
- Преработени месни производи како виршли, салами и други колбаси
- Индустриски колачиња и слатки
- „Овошни“ јогурти со големи количини на шеќер и вештачки ароми
Проблемот не е само хемискиот состав, туку и фактот дека овие намирници имаат висока калориска вредност и малку хранливи материи. Редовното консумирање ги зголемува ризиците од дебелина, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.
Пазете се од маркетиншките трикови!
Пакувања со етикети како „лајт“, „фит“, „без шеќер“ или „без глутен“ не значи секогаш дека производот е здрав. На пример:
- Житните плочки што се рекламираат како здрава ужина често содржат повеќе шеќер од чоколадните десерти.
- „Лајт“ производите имаат помалку масти, но затоа се полни со адитиви кои ја задржуваат текстурата и вкусот.
- Безглутенските производи не се секогаш поздрави – тие може да имаат повеќе скроб и додаден шеќер.
Како да направите паметен избор?
Најдобро е секогаш да го читате составот на производот. Барајте кратки и јасни листи на состојки, без долги и тешко разбирливи имиња. Ако пакувањето содржи многу непознати и хемиски термини, најдобро е да го оставите производот на полица.
Здравјето започнува со секој избор што го правите – и тоа токму во супермаркетот. Од вас зависи да го наполните вашиот кош со вистинската храна!