Жалфијата – древен лек со современи бенефити
Жалфијата (Salvia officinalis) е една од најценетите лековити билки во светот и честопати се нарекува природен антибиотик и антисептик. Нејзиното латинско име доаѓа од зборот salvare, што значи „да се спаси“ или „да се излечи“, а за нејзините моќни својства пишувале и античките автори кои се занимавале со медицина.
Уште пред 2.000 години, Римјаните ја користеле жалфијата за различни здравствени состојби, а со текот на времето, таа станала незаменлив дел од традиционалната медицина.
Во минатото, жалфијата имала клучна улога во процесот на балсамирање на фараоните во Египет, додека старите Грци ја применувале за лекување крварење, треска, камења во бубрези и пореметена менструација. Поради нејзиниот широк спектар на дејства, жалфијата се сметала за „света билка“ и се одгледувала во речиси секоја градина.
Хемискиот состав на жалфијата е исклучително богат – содржи етерични масла како салвиол, пинен, цинеол, борнеол и камфор, како и танини, горчливи материи, протеини, скроб, калциум-оксалат и минерални соли на фосфор, калиум и калциум.
Жалфијата со векови се користи против воспалено грло, гласовни проблеми и туберкулоза. Благодарение на нејзиното делување врз усната шуплина, честопати се додава во пасти за заби. Исто така, таа е ефективна кај респираторни заболувања, бидејќи го олеснува искашлувањето и го намалува воспалението.
Како чај, жалфијата е одлична при дијареја, болки во желудникот и грчеви, а традиционалната медицина ја препорачува и при ревматизам, гихт и невролошки пореметувања поврзани со овие состојби.
Современи истражувања покажуваат дека жалфијата го инхибира ензимот ацетилхолинестераза – клучен фактор во опаѓањето на меморијата. Научниците веруваат дека оваа билка има антиоксидантно, противвоспалително и хормоноподобно дејство, што ја прави потенцијално корисна во третманот на деменција и Алцхајмерова болест.
Легендата вели дека Карло Велики со закон наложил во секој манастир да се одгледуваат најмалку 100 лековити растенија – а жалфијата се наоѓала на врвот на таа листа.
Во народната медицина, жалфијата се користи и за јакнење на нервниот систем, прочистување на крвта и третман на воспалителни процеси. Освен тоа, таа има своја примена и во кујната – како зачин кој го подобрува варењето, ја стимулира жолчката и ја намалува подуеноста.
Благодарение на нејзините антимикробни својства, екстрактите од жалфија се наоѓаат и во антивирусни масти, особено против херпес. Лекарите ја користат и за третман на грчеви, болести на ‘рбетниот мозок, нарушувања на жлездите и тремор, а ситно сомелено лисје од жалфија може да помогне дури и при убод од инсекти.