Музичката група Thanos Stavridis & Drom на 1 април 2025 година го издаде новиот албум со наслов Fygame. Формирана во 2015 година, групата се посветува на истражување и изведба на традиционалната музика од поширокиот македонски регион, со особен фокус на мелодии поврзани со танц и народни свечености, особено од грчкиот дел на Македонија.
Името на групата, Drom — што значи „пат“ на ромски јазик, со потекло од грчкиот збор dromos — ја симболизира нивната постојана музичка авантура и поврзувањето со публика ширум светот. Насловот на албумот, Fygame (гр. „Ајде да тргнеме“), дополнително го потенцира овој дух на движење и културен пренос.
Албумот донесува енергична и весела традиционална музика за танц, која и ден-денес се изведува во различни делови на Македонија. Дел од композициите вклучуваат текстови на јазици кои со векови се зборувале на Балканот, одразувајќи ја мултикултурната природа на регионот. Иако некои јазични традиции исчезнуваат, музиката останува како жив сведок на заедничките сеќавања и културни врски.
Во Fygame доминираат виртуозните настапи на Танос Ставридис (акордеон – стар музички инструмент сличен на хармоника) и Василис Атанасиу (кларинет), кои ја спојуваат солистичката слобода со силна ансамблова динамика. Нивниот звук, длабоко вкоренет во традицијата на грчка Македонија, е потпомогнат од моќна ритам секција што носи интензитет сличен на рок музиката.
Проектот започна уште пред пандемијата со цел да се документира нивната уникатна интерпретација на овој музички репертоар.
Во изјава за новото издание, Ставридис вели:
„Нашиот албум се вика fygame, што значи ’ајде да тргнеме‘. Овој пат во багажот ја носиме народната музика од нашата татковина – Македонија. Тоа е музика што се слуша и се игра на целиот простор на Македонија, особено на грчка територија. Во народната култура границите често се нејасни. Оваа музика, која неретко вклучува текстови на јазици што ги зборувале различни заедници на Балканот во последните 300 години, го носи заедничкото чувство за земјата, сликите, вкусовите, мирисите и звуците.“
Состав:
Василис Атанасиу – кларинет, саксофон
Танос Ставридис – акордеон, продукција
Мариос Макрис – електрична гитара
Јанис Каракалпакидис – електричен бас
Христос Тасиос – тапани, даули
Албумот е снимен во живо во студиото Revolver во Солун од страна на Ангелос Атанасиадис, со дополнителни снимки направени во домашните студија на Танос, Јанис и Мариос. Монтажата ја изврши Танос Ставридис, а миксот и мастерингот повторно ги направи Атанасиадис.